Тетово

Хидроцентралите на Шар Планина, закана за националниот парк

25.02.2024 10:29

Тринаесетте хидроцентрали на Шара се едни од најголемите закани на ова заштитено подрачје. Дел од нив, велат од Националниот парк Шар Планина, во шарпланинските реки не пуштаат нити биолошкиот минимум вода за рибниот свет. Се прават обиди за доизградба на дел од хидроцентралите, но тоа нема да го дозволиме, додаваат од установата.

Освен што не го пуштаат биолошкиот минимум на вода, откако ќе ги изградат сопствениците на хидроцентралите, местото не го враќаат во првобитна состојба.

Класичен пример е местото помеѓу две мали хидроцентрали на Вејачка река на Шар Планина, каде е поместено речното корито. Некогаш туку течела река со голем водостој и обилност, а сега има пат изграден за потребите на хидроцентралите.

Од Националниот парк Шар Планина, велат дека штетите се огромни, нарушен е биодиверзитетот, а камењата и карпите останати после градежните активности, еден ден можат да завршат во градот.

Директор на ЈУ Национален парк Шар Планина, Ибрахим Дехари, бара помош и од другите институции на системот, во спротивно има голем ризик од лизгање на земјиште.

Да не дозволиме да ни се повторат поплавите, кои беа и со човечки жртви, додава Дехари.

На целиот шарпланински масив има 11 мали хидроцентрали изградени пред да биде прогласена Шара за Национален парк. Се градат уште две, но борбата нивната градба да престане ќе продолжи, велат од установата, оти ваквите објекти се рак-рана за целото подрачје.

 

Зоран Димовски