„Вечната куќа“ апсолутен победник на „Војдан Чернодрински“
Најдобра претстава и апсолутен победник со 10 награди е на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп е „Вечната Куќа“ од Јордан Плевнеш во режија на Дејан Пројковски. Наградите ќе бидат доделени вечер на затворањето на фестивалот...

„Вечната куќа“ на МНТ е најдобрата театарска претстава на годинашниов Македонски театарски Фестивал „Војдан Чернодрински“. Грандиозниот проект подготвен за отворањето на новиот објект на МНТ во Скопје преку целосно високоестетско театарско доживување е епска слика, преточена во жива претстава која опфаќа речиси половина милениум. Доловени се македонските, балканските, европските, па и светските цивилизациски стереотипи со меѓусебните судири.
„Постигнати се навистина уметнички ефекти кои овозможуваат високо, богато естетско задоволство и заслужуваат респект“, вели Васе Манчев претседател на фестивалското жири.
Вечната куќа е апсолутен победник на Фестивалот. Понесе вкупно 10 награди, меѓу кои за најдобра режија на Дејан Пројковски, за текст на Јордан Плевнеш, за главна машка улога на Тони Михајловски, а најдобра главна женска ролја е на Искра Ветеров. Во претставата најдобри се сценографијата, костимите, музиката, кореографијата.
Годинашниов Фестивал на публиката и понуди вкупно 20 претсави, изложби, промоции, трибини.
49 Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ќе заврши каде што почна – на сцената од домот на културата „Марко Цепенков“. Ќе им бидат доделени наградите на најдобрите, а во нивна чест театар „Комедија“ ќе ја изведе претставата „Важно е да се викаш Ернест“.
Елизабета Митреска
