БЛИСКИ ИСТОК

Хутите нападнаа американски танкер како одговор на нападите врз главниот град на Јемен

25.02.2024 12:19

Продолжува да гори на Блискиот Исток. Хути нападнаа американски танкер како одговор на нападите врз главниот град на Јемен. За смирување на тензиите на Блискиот Исток се поизвесно е дека индивидуалните состаноци на претставници на Мосад, Катар, САД и Египет ќе дадат резултат. Израел вели дека ќе се врати во областите во газа за да извршат расчистување на областа...

Јеменските бунтовници, Хути нападнаа американски танкер во Аденскиот Залив, како одговор на нападите од САД и Велика Британија врз Сана, главниот град на Јемен. Ескалацијата на тензиите следи откако Вашингтон и сојузниците вчера објавија дека нападнале 18 цели на јеменските Хути, како одговор на неодамнешниот пораст на нападите од страна на милитантната група поддржана од Иран.

„Јеменските вооружени сили извршија квалитативна воена операција во која цел беа американскиот нафтен брод „Торм Тор“ во Аденскиот Залив со голем број соодветни поморски ракети, додека воздухопловните сили таргетираа голем број американски воени бродови во Црвено Море со беспилотни летала“, изјави бригаден генерал Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.

Хутите, кои контролираат голем дел од Јемен, напаѓаат комерцијални бродови од 19-ти ноември во знак на протест против израелските напади на Газа. За смирување на тензиите на Блискиот Исток, сè поизвесно е дека индивидуалните состаноци на претставници на Мосад, Катар, САД и Египет ќе дадат резултат. Од израелскиот Генералштаб, велат дека силите на одбраната ќе се вратат во областите во Газа за да извршат расчистување на областа.

„Има места што ги поминавме со многу високо темпо на борба и се враќаме на тие места за да извршиме расчистување на областа. Овие активности не водат до друго ниво на оперативци, друго ниво на команданти и повеќе уништена инфраструктура. Со денови преговараме и за ослободување на заложниците. Не можам да кажам до што ќе доведе тоа, има такви што се занимаваат со тоа, ние се занимаваме со борбеност“, изјави Херзи Халеви, израелски началник на Генералштабот.

Во меѓувреме, израелскиот премиер Нетанјаху изјави дека сака брзо одобрување на плановите за воената офанзива во Рафах и покрај разговорите за прекин на огнот. Планот вклучува принудно отстранување на цивилното население.

Полицијата употреби водени топови за да ги растера демонстранти во Тел Авив кои бараа оставка од владата на Нетанјаху и обвинија дека премиерот е виновен за војната.

„Доста ги ризикуваме животите на киднапираните, кои се во нехумани услови, доволно е одолговлекување на времето. Секоја минута, час, секој ден има сè помалку шанси за нив“, вели демонстрант.

Според статистиките, од избувнувањето на војната на 7-ми октомври повеќе од 29.000 Палестинци се убиени во израелската офанзива во Газа.

Маријана Димовска