Изборот на претседател на државата во Собранието, неприфатлив за повеќето партии
Во канцелариите на ДИК, собирање потписи. За ДУИ, изборот на претседател со двотретинско мнозинство во Собрание е чекор кон еднаквост, за другите, демократско назадување и кокетирање за повеќе гласови...

Актуелниот претседател Стево Пендаровски, претендент на СДСМ за уште еден мандат. На конгресот на 3-ти март и официјално треба да биде потврдена номинацијата. Се очекува и Пендаровски да собира потписи и покрај поддршката од пратеничката група. Вакво нешто најави и кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова. Потврда на кандидатурата, треба да се случи на конвенцијата идната сабота. Социјалдемократите велат дека Пендаровски во претседателката трка влегува како фаворит со поддршка од сите етнички заедници.
Од ДУИ остануваат на ставот за уставни измени и за избор на претседател во Собранието и со Бадинтер. Бараат, ВМРО-ДПМНЕ да се надмине себеси, да прифати еднаквост во општеството и истовремено да се изјасни против Русија, за Европа.
„Не уценуваме, туку бараме еднаквост. Само со вакви концентрирани напори и поддршка за најсилната албанска партија, ќе ја постигнеме целта да се оттргнеме од Русија и руското влијание што ги зафати нашата економија, критичната инфраструктура, политичките партии, медиумите, верските заедници, граѓанското општество и има за цел да го дестабилизира нашето општество, кревко и мултиетничко, мултирелигиско и мултикултурно, со домино ефект низ целиот регион“, велат од ДУИ.
Двете најголеми македонски партии сметаат дека шефот на државата треба да се избира од граѓаните. За официјална потврда на кандидатурата се потребни потписи од 30 пратеници или 10.000 граѓански потписи. Нив почнаа да ги собираат 11 претенденти.
Игор Панов
