Сторија

Проблемот со личните документи, проблем за младите кои треба да станат полнолетни

25.02.2024 15:50

Проблемот со личните документи им создаде проблем на тинејџерите кои сега ќе наполнат 18 години. Не можат да патуваат, да студираат во странство, но, во прашање е доведено и нивното право на глас. Таков е случајот со младата Матеја Милошевска, која со месеци вртела на телефонот за закажување. Со какви предизвици се соочуваат овие луѓе, но, и што ќе преземат институциите...

Полнолетството по дефиниција носи одговорност и обврски, но во Македонија се чини и најава за проблеми кои би требало да бидат само логично исполнување на основните права.

Матеја Милошевска од Скопје со нетрпение го чека роденденот оти не е обичен, туку ден кога од дете ќе стане возрасна. Но, за да се официјализира сето тоа и на документ, државата и вели дека ќе мора да почека.

„Два месеца вртевме на телефон и не можевме да ги добиеме, но кога ги добивме прв слободен термин беше крајот на јули, а тоа е пет месеци од сега“, вели Матеја.

Ја прашав Матеја, дали поседува некој документ што може да докаже дека е таа. Во смеа рече дека има важечка слободна за автобус.

Ја следи политичката состојба во државата веќе некое време, оти мислела дека за првпат ќе застане зад параванот и ќе гласа на изборите. Но тоа не е единственото разочарување, поради кое исполнувањето на нејзините соништа ќе почека. Имала план и каде да го слави роденденот, но и да заработи на сезонска работа надвор од државата.

„Сакав да работам во Хрватска, но не можам зашто немам извадено пасош, исто така сакав да полагам за возачка, но и за тоа да го реализирам ми треба возачка“, вели таа.

Судбината на Матеја е слична на уште, околу 15 илјади матуранти кои годинава треба да добијат лична карта. Од МВР велат:

„Се бара начин да се реши проблемот со вадење лична карта и на оваа категорија граѓани, за да си го остварат уставно загарантираното право за гласање на избори како полнолетни лица и секако дека ќе биде изнајдено решение.“

Од Државната изборна комисија децидни – без важечка лична карта или пасош невозможно е да се даде глас.

„Согласно член 108-а од Изборниот законик, личниот идентитет избирачот го докажува со важечка лична карта или важечка патна исправа и отпечаток од прст. Друг документ во постапката за гласање за докажување на идентитетот на избирачот не може да се прифати“, велат од ДИК.

Оваа ситуација ја разочарува, но не ја обесхрабрува, Матеја сака да остане во државата, барем за сега, но со сигурност знае што не сака да биде.

„Не, не би се занимавала со политика, но имам голем интерес да бидам дел од Армијата, да студирам во Воената академија“, рече Матеја.

 

 

Наташа Гркова-Петрушевска