ИЗРАЕЛ-ХАМАС

Израел со план за евакуација на цивилите од Рафах

26.02.2024 09:52

Се продлабочува кризата на Блискиот Исток. Во Катар разговори за нов прекин на огнот во Појасот Газа. Израел со план за евакуација на цивилите од Рафах. Јордан предупреди од можна ескалација на конфликтот доколу израелските одбранбени сили продолжат со нападите за време на муслиманскиот празник Рамазан …

Во пресрет на разговорите во Катар за можен нов договор за заложниците и прекин на огнот во Газа, Израел соопшти дека офанзивата во Рафах би можела да биде одложена доколку Хамас биде реален и се постигне договор.

„Ако Хамас се повлече од своите заблуди и се спушти на земја, тогаш ќе го имаме напредокот што сите го посакуваме. Во спротивно, откако ќе ја почнеме операцијата Рафах-не делат само неколку недели до победа“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Тел Авив го претстави планот за евакуација на цивилите од Рафах. САД со познатиот став-луѓето мора да се заштитат.

„Бевме јасни дека голема воена операција не треба да продолжи во Рафах, освен ако не постои јасен и изводлив план за заштита на цивилите“, изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност на САД.

Привремениот прекин на огнот во Газа нема да влијае врз борбата со отстранување на Хезболах од границата со Либан-соопшти израелската влада.

„Ако некој мисли дека кога ќе постигнеме договор за ослободување на заложниците и огнот престане тоа ќе ги олесни работите, се лаже. Целта е едноставна, да го повлечеме Хезболах таму каде што треба-или преку дипломатски договор или со сила“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.

Јорданскиот крал предупреди на закана од поширок конфликт доколку Израел продолжи со нападите за време на Рамазан. Во Појасот, борбите продолжуваат. Се интензивира и офанзивата на северот додека хуманитарната криза се влошува.

„Не можам да ги хранам сопствените деца. Нема ориз, нема храна. Со што го заслуживме ова?“, изјави Наим Абусеидо, Палестинец кој чека помош.

„Бараме светот да најде решение. Умираме од глад“, изјави Або Мохамад, Палестинец кој чека помош.

ООН повикаа Израел да отвори повеќе премини, вклучително и на изолираниот север каде што испораката е прекината. Тел Авив вината ја префрла врз хуманитарните организации. Во знак на протест, американски војник се самозапали пред израелската амбасада во Вашингтон.

 

Бојана Крстевски