Одбележување

И по 20 години не згаснуваат контроверзиите за падот на кингерот

26.02.2024 11:34

Дваесет години од смртта на претседателот Борис Трајковски. На вечното почивалиште на Трајковски и на загинатите членови на делегацијата на градските гробишта во Бутел цвеќе положија неговата сопруга Вилма, претседателот на државата Пендаровски, на Собранието Митревски, владина делегација, од Армијата и од Сојузот на борци...

Дваесет години од смртта на претседателот Борис Трајковски. Сè уште не згаснуваат контроверзите за причините и околностите во кои се случи падот на владиниот авион, со кој државната делегација патуваше на настан во Мостар, Босна и Херцеговина. На 26-ти февруари 2004 година владиниот кингер со претседателот Трајковски, шестчлена делегација и двајца пилоти не стигна до Мостар.

По 24 часа потрага на Ротимље, стигнува потврда за смртта. Македонија се збогува со шефот на државата. Причините за авионската несреќа, која предизвика бројни контроверзии во јавноста, се истражуваа преку две истраги. И во двата извештаја како причина за падот на кингерот се наведуваат пилотски грешки и други индиректни системски пропусти.

На вечното почивалиште на Трајковски и на загинатите членови на делегацијата на градските гробишта во Бутел цвеќе положија неговата сопруга Вилма, претседателот на државата Пендаровски, на Собранието Митревски, владина делегација, од Армијата и од Сојузот на борци. 20-годишнината од загинувањето на поранешниот претседател се одбележува и во неговата Струмица и во Ротимње.

Борис Трајковски стана втор шеф на македонската држава како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Од шестемина кандидати, во вториот изборен круг Трајковски успеа да го победи социјалдемократот Тито Петковски. Земјата ја водеше во многу тежок период. Претходно краток период беше заменик-министер за надворешни работи, и тоа во екот на косовската бегалска криза. Пресвртна точка во воениот конфликт беше 13-ти август 2001 година. Претседателот Трајковски, заедно со лидерите на тогашните најголеми политички партии и специјалните претставници на Европската Унија, Хавиер Солана и на САД Џејмс Пердју, стави потпис на Охридскиот рамковен договор, што беше вовед во запирање на крвопролевањата.

Негови соработници, пријатели, но и политички противници и денеска се прашуваат како човекот кој важеше дека е пред своето време, би се поставил во актуелнава политичка ситуација.

 

 

Игор Панов