Израел-Хамас

Нетанјаху: Офанзивата во Рафа може да се одложи доколку се постигне договор за прекин на огнот

26.02.2024 12:37

Во Катар продолжуваат преговорите за прекин на огнот во Газа. Офанзивата во Рафа може да се одложи доколку Хамас биде реален и се постигне нов договор-вели Нетанјаху. Можен е конфликт од пошироки размери – се закани Јордан. ООН алармираат за хуманитарна катастрофа. Палестинскиот премиер поднесе оставка...

Во пресрет на разговорите во Катар за можен нов договор за заложниците и прекин на огнот во Газа, Израел соопшти дека офанзивата во Рафа би можела да биде одложена доколку Хамас биде реален и се постигне договор.

„Ако Хамас се повлече од своите заблуди и се спушти на земја, тогаш ќе го имаме напредокот што сите го посакуваме. Во спротивно, откако ќе ја почнеме операцијата Рафах- не делат само неколку недели до победа“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Нетанјаху го претстави и планот за евакуација на цивилите. САД уште еднаш потсетија.

„Бевме јасни дека голема воена операција не треба да продолжи во Рафах, освен ако не постои јасен и изводлив план за заштита на цивилите“, изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност на САД.

Од ООН алармираат-бараат итен прекин на огнот и ослободување на заложниците.

„Рафа е јадрото на операцијата за хуманитарна помош. Сеопфатната израелска офанзива врз градот не само што би била застрашувачка за над милион цивили, туку ќе го стави и последниот клинец во ковчегот“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.

Борбите продолжуваат. Се интензивира и офанзивата на северот каде што испораката на помош веќе цел месец не пристига.

„Бараме светот да најде решение. Умираме од глад“, вели Або Мохамад, Палестинец.

При продолжени напади од Хезболах, Тел Авив соопшти дека привремениот прекин на огнот во Газа нема да влијае врз борбата за нивно отстранување од границата со Либан, по пат на договор или со сила. Јордан со закана-доколку Израел продолжи со нападите за време на Рамазан, можен е конфликт од пошироки размери. Во истовреме, палестинскиот премиер поднесе оставка поради притисокот од САД за повоена Газа за реорганизација на палестинската самоуправа. Сака да изгради широк консензус за политичките аранжмани по војната.

 

Бојана Крстевски