МНР

Османи: Украина е само првата станица на Руската империјална амбиција, следната е Балканот!

26.02.2024 13:05

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денес учествуваше на конференција насловена „Украина: Две години херојство“, каде што се одбележа двегодишнина од руската агресија на Украина, организирана од Амбасадата на Украина во Скопје и ЦИВИЛ...

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денес учествуваше на конференција насловена „Украина: Две години херојство“, каде што се одбележа двегодишнина од руската агресија на Украина, организирана од Амбасадата на Украина во Скопје и ЦИВИЛ.

Во своето излагање Османи, акцент остави и на неговите заложби, како претседавач со ОБСЕ, за изнаоѓање практични решенија за помош на Владата и народот на Украина во надминување на тешките предизвици.

„Украина беше еден од главните приоритети на нашето претседавање со ОБСЕ, САД – Јадранската Повелба и ПСЈИЕ. Во својство на претседавач со ОБСЕ, два пати ја посетив земјата и силно се залагав за изнаоѓање практични решенија кои би им помогнале на Владата, граѓанското општество и народот на Украина во надминување на предизвиците со кои се соочуваат. Во исто време, бевме силно фокусирани да укажуваме постојано на итната потреба да се стави крај на оваа војна. Понатаму, додека претседавав со А5, иницијативата објави заеднички изјави со поддршка за Украина и силна осуда за руската инвазија“, рече Османи, додавајќи дека како НАТО земја членка, остануваме цврсти во нашата посветеност за дополнително засилување на политичката и практичната поддршка за Украина додека земјата продолжува да ја брани својата независност, како и својот суверенитет и територијален интегритет.