Дарувајте крв: Хуманоста е огледало на човечката душа

13.06.2014 15:50

Годишно се собираат по 55 илјади крвни единици. Светскиот ден на крводарителството почна под мотото „Дарувај крв за оние што даруваат живот“...

Еден дарител на крв, спасува три животи. Претседателот на државата Ѓорге Иванов даруваше крв. Се надева дека ќе помогне во вистинскиот момент. Со својот пример сака да ги поттикне сите на хуманост.

И боксерот Вели Мумин, е дарител. Дал крв и за повредените во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска.

„Сите несебично треба да ја дадеме таа драгоцена течност“, изјави Мумин.

Дарители се и Силвија и Влатко Плевнеш. Велат, секогаш кога ќе им се јават тие наоѓаат време да помогнат.

„Иако имам страв од игла, го потиснувам стравот, зашто сметам дека нема ништо поголемо од тоа да помогнете и да спасите живот“, рече Силвија Плевнеш.

Баба Милка има дадено речиси 18 литри крв. Четириесетина пати дала крв.

„Би им препорачала на младите да бидат хумани. Хуманоста е огледало на човечката душа“, вели Милка Цикарска.

Годишно се собираат по 55 илјади крвни единици. Светскиот ден на крводарителството почна под мотото „Дарувај крв за оние што даруваат живот“.

Кампањата е за мајките кои на породувањето го губат животот поради компликации. 

 

Наташа Јанчиќ