Битка за собирање потписи
Битката за собирање потписи за кандидат за претседател сѐ уште трае. Се множат потписите, граѓаните се потпишуваат во канцелариите на Државната изборна комисија низ целата држава...

Според последните ажурирани податоци на Државната изборна комисија претседателските кандидати на ДУИ, Движењето ЗНАМ, Левица и ГРОМ во текот на изминативе три дена имаат собрано најмногу потписи од вкупно единаесеттемина подносители на кандидатури за претседател на државата.
Најблизу до потребните 10.000 потписи е кандидатот на ДУИ, Бујар Османи. Тој до вчеравечер, собрал 8.560 потписи, а му недостасуваат помалку од 1.500 потписи за да ја официјализира претседателската кандидатура.
Следен по број на собрани потписи е кандидатот на движењето „За наша Македонија“, Максим Димитриевски. Заклучно вчера до 20 часот кога е и пресекот на податоците на ДИК, собрал 5.923 потписи.
За кандидатка на Левица, Билјана Ванковска-Цветковска, се потпишале вкупно 4.478 лица. На четврто место е кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, со собрани 3.091 потписи.
Над илјада потписи во изминатите три дена добил и кандидатот на опозициските партии на Албанците, Арбен Таравари, односно вкупно 1.645.
Ниту 100 потписи засега немаат Зорица Цветковска и Ѓорги Манасков. За Томе Николовски ниту еден граѓанин не се потпишал.
Потпишувањето на граѓаните за кандидатите за претседател се одвива тековно, без проблеми и застој. Одзивот на граѓаните е на задоволително ниво-информираат од подрачните одделенија на ДИК.
Собирањето на потписите за претседателски кандидати и за пратеници завршува на 8-ми март на полноќ.
Марина Стојанова-Тонева
