Македонија

Костадиновска-Стојчевска од Ротимље: Претседателот Трајковски имаше визија за иднината, таков ќе беше и денес

26.02.2024 15:31

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина, по повод 20-годишнината од загинувањето на поранешниот претседател Борис Трајковски и неговите соработници, на спомен-обележјето каде што се случи несреќата истакна дека Трајковски беше доблесен и храбар политичар, претседател со визија за иднината на државата...

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина, по повод 20-годишнината од загинувањето на поранешниот претседател Борис Трајковски и неговите соработници, на спомен-обележјето каде што се случи несреќата истакна дека Трајковски беше доблесен и храбар политичар, претседател со визија за иднината на државата.

– Ова место е потсетник за сите генерации дека Македонија имала и има доблесни и решителни луѓе кои следејќи ја својата визија, својот сон, имаа храброст да гледаат во иднината – потенцираше министерката за култура, додавајќи дека денес нашата земја е членка на НАТО и на дофат и е членството во Европската Унија.

Зборувајќи за одлучноста и изнаоѓањето мирни решенија, Костадиновска-Стојчевска потсети дека кога Република Македонија сè уште ги зацелуваше раните од конфликтната 2001 година, околу претседателот Трајковски се обединија разумните, и од власта и од опозицијата, за преку дијалог да се постигне компромис.

Министерката за култура додаде дека Трајковски водеше интензивна дипломатска активност во која не ги штедеше ни личните пријателства, со што Република Македонија ја врати на меѓународната сцена како фактор на мирот на Балканот.

На Ротимље присуствуваа и оддадоа почит претставници на Претседателството и на Советот на министри на Босна и Херцеговина, претставници на Град Мостар и на Воздухопловството на БиХ, а се обрати и заменик-министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ивица Бошњак, кој рече дека претседателот Трајковски секогаш нудеше решенија и работеше на јакнење на односите и соработката во регионот.

– Токму поради тоа, и дваесет години по неговото трагично загинување со огромен респект се присетуваме на големиот пријател и жалиме што загубивме искрен заговорник на еден подобар, попросперитетен и стабилен регион – истакна Ивица Бошњак.

Тој додаде дека заминувањето на Трајковски е загуба не само за Северна Македонија, туку и за регионот и за Босна и Херцеговина која секогаш ќе го чува споменот за човекот кој работеше на поврзување и зајакнување на соработката.

Во Ротимље беше оддадена почит на поранешниот претседател Трајковски и на членовите на неговиот кабинет, соработници, обезбедувањето и екипажот на владиниот Кингер: Димка Илкова Бошковиќ, Ристо Блажевски, Миле Крстевски, Анита Лозановска, Борис Велинов, Аце Божиновски, Марко Марковски и Бранко Ивановски, чии животи згаснаа на 26 февруари 2004 г.