Македонија

ДИК побара старите пасоши да важат за гласање на изборите

26.02.2024 16:15

А како ќе се одвива гласањето? Има граѓани кои патните исправи ги користат за своја лична идентификација. Државната изборна комисија веќе побара пасошите да важат на овие избори со старото име. Пратениците од ВМРО ДПМНЕ бараат во среда да биде ставен на дневен ред за гласање

И како онаа народната, надежта последна умира, а кој чека ќе дочека. Граѓаните задоволни бидејќи конечно успеаја да ги подигнат личните документи. Метежот полека се намалува.

Преку интернет-страницата на МВР, граѓаните кои се фотографирале во пунктовите „Пролет“ и „МТВ“ можат да проверат во која фаза е изготвувањето на пасошот. Сепак, некои не се пронашле.

Дел од граѓаните добиваат пораки кога да ги подигнат документите. Има и такви кои, иако се фотографирани од минатата година, сè уште не ги подигнале патните исправи.

Од МВР најавуваат дека наскоро ќе може и електронски да се закажува термин за фотографирање.

Досега се издадени над милион 350 илјади патни исправи. Пред неколку дена пристигнаа 140.000 обрасци, а се очекува деновиве и друга пратка. И додека МВР се справува со хаосот што настана со промена на личните документи, ВМРО-ДПМНЕ бара на собраниската седница в среда, на дневен ред да биде ставен нивниот предлог за измени во законот за патни исправи, со кој се бара продолжување на рокот на важност на пасошите со старото име до 31-ви декември годинава. Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, за МТВ вели дека материјалите се доставени. Ако предлогот не биде ставен на пленарката, тие ќе побараат да се дополни дневниот ред.

Претседателот на Државната изборна комисија, Даштевски, смета дека на македонските државјани за изборите треба да им се овозможи да го остварат гласачкото право и со старите пасоши. Тоа би можело да се овозможи со правилник и упатство за гласање кое би можело да го донесе ДИК.

 

Наташа Гркова Петрушевска