Тетово: Полицаец застрелал свој колега, сеуште нејасни причините!

13.06.2014 16:25

Полициски службеник од Тетово е ранет со огнено оружје. Го застрелал негов колега во службените простории. Сеуште не се познати причините и околностите во кои се случил инцидентот...

„Стоп“ лентата овој пат поставена пред влезот во Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај во Тетово.

Утрово околу 10 часот во една од просториите 35 годишен полицаец застрелал свој 51 годишен колега.

По укажаната лекарска помош во тетовската Клиничка болница пренесен е во Скопје. Од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување дознаваме дека полицаецот е повреден во стомакот и 'рбетот, опериран е, но е во сериозна здравствена состојба.

Увидот во Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај траеше со часови. По него треба да се знаат причините за пукотницата.

А за околностите во кои се случил инцидентот сеуште нема информации. Од Секторот за внатрешни работи во Тетово велат дека во тек се активности за расчистување на случајот.

„Како поконкретно се случило повредувањето и другите околности ќе се утврдува во истрагата која е во тек“, изјави Маријан Јосифовски – Портпарол на СВР Тетово.

Неофицијално дознаваме дека настанот се случил додека полициските службеници се подготвувале за вежба. Застреланиот полицаец наскоро требал да оди во пензија.

 

Зоран Јованоски