Народниот правобранител ќе иницира законски промени за лекување во странство по случајот со Леонид
Меѓуинституционалната некоординираност клучна пречка за лекувањето на Леонид. Народниот правобранител ќе ја менува правната регулатива за лекување болни во странство...

Судбината на Леонид не само што ги обедини добрите луѓе, таа е иницијална каписла за во иднина полесно да се одобруваат пари за пациенти на кои им е потребно лекување во странство. Со свој предлог Народниот правобранител, ќе ја менува правната регулатива. Фондот за здравство не одобри пари за лекување на Леонид во Австрија, потпирајќи се на лекарски извештај во кој третманот се дефинира како рехабилитација.
Постои меѓуинституционална некоординираност во случајот со Леонид Индов, кој беше испратен во Австрија, а ФЗО не одобри средства за негово лекување, e ставот на министерот за здравство Илир Демири. Вели, доколку 18-годишникот е испратен на третман, а не на рехабилитација, тогаш државата ќе го покрие неговото лекување и затоа ќе се бара документација од Австрија. Но, семејството на Индов не е единственото кое е изгубено во законската терминологија.
Таткото на Леонид, Бранко Индов, деновиве ќе поднесе жалба на одлуката на првостепената комисија на Фондот. Тој останува на ставот дека во Македонија нема услови да се лекува неговиот син. Леонид се повреди летово во Грција, оттогаш е неподвижен и на респиратор за дишење.
Наташа Јанчиќ Менковски
