Сеќавање на Борис Трајковски - 20 години од трагедијата во која загина македонскиот претседател
Дваесет години од трагедијата во која загина македонскиот претседател, а со него и членовите на неговиот кабинет и екипажот на авионот. Сè уште не згаснуваат контроверзите за причините и околностите во кои се случи падот на владиниот авион, со кој државната делегација патуваше на настан во Мостар, Босна и Херцеговина...

Дваесет години од смртта на претседателот Борис Трајковски. Сè уште не згаснуваат контроверзите за причините и околностите во кои се случи падот на владиниот авион, со кој државната делегација патуваше на настан во Мостар, Босна и Херцеговина. На 26 февруари 2004 година, владиниот „Кингер“ со претседателот Трајковски, шестчлена делегација и двајца пилоти не стигна до Мостар. По 24 часа потрага на Ротимље, стигнува потврда за смртта. Македонија се збогува со шефот на државата.
Причините за авионската несреќа, која предизвика бројни контроверзии во јавноста, се истражуваа преку две истраги. И во двата извештаи, како причина за падот на „Кингерот“ се наведуваат пилотски грешки и други индиректни системски пропусти.
На вечното почивалиште на Трајковски и на загинатите членови на делегацијата на градските гробишта во Бутел цвеќе положија неговата сопруга Вилма, претседателот на државата Пендаровски, на Собранието Митревски, владина делегација, од Армијата и од Сојузот на борци. 20-годишнината од загинувањето на поранешниот претседател се одбележува и во неговата Струмица. Во Ротимље, владината делегација којашто оддаде почит на трагичната судбина на претседателот, ја предводеше министерката за култура.
Братот на Миле Крстевски, еден од настраданите во авионска несреќа, Цоне Крстевски, се присетуваше на трагичниот ден, вели, тоа беше шок за семејството, роднините, пријателите. Миле имаше неполни 50 години, прерано згасна неговиот живот, со болка во душата раскажува Цоне.
Планинарите кои веќе 19 години маршираат во чест на трагично загинатиот претседател, велат пет дена пешачеле од Струмица со мали одмори во поодделни места до вечното почивалиште на Трајковски да ја пренесат пораката за вредностите на човекот којшто го промовираше мирот и единство меѓу луѓето.
Борис Трајковски стана втор шеф на македонската држава како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Од шестемина кандидати, во вториот изборен круг Трајковски успеа да го победи социјалдемократот Тито Петковски. Земјата ја водеше во многу тежок период. Претходно, краток период беше заменик-министер за надворешни работи и тоа во екот на косовската бегалска криза.
Пресвртна точка во воениот конфликт беше 13 август 2001 година. Претседателот Трајковски, заедно со лидерите на тогашните најголеми политички партии и специјалните претставници на Европската Унија, Хавиер Солана и на САД, Џејмс Пердју, стави потпис на Охридскиот рамковен договор, што беше вовед во запирање на крвопролевањата. Негови соработници, пријатели, но и политички противници и денеска се прашуваат како човекот кој важеше дека е пред своето време, би се поставил во актуелнава политичка ситуација.
Игор Панов
