Србија: Лошите директори на „црна“ листа
13.06.2014 16:49
Регистерот ќе содржи податоци за директорите, основачите, членовите на управните одбори, податоци за судски забрани заради прекршоци или кривични дела и блокирани сметки на претпријатијата што ги воделе...

Директорите што лошо ги воделе фирмите од есен ќе се најдат на „црна листа“ во Србија. Привремено ќе им биде забрането да основаат нови фирми се додека не ги платат обвските и долговите или додека не заврши судската пресуда, пренесува РТС.
Регистерот ќе содржи податоци за директорите, основачите, членовите на управните одбори, податоци за судски забрани заради прекршоци или кривични дела и блокирани сметки на претпријатијата што ги воделе. Тој сепак нема да биде сосема јавен и ќе има ограничен пристап поради чувствителни лични податоци. Целта е превентива и подигнување на правната сигурност на земјата односно спречување на злоупотребата сериско отворање фирми и се планира за претстојнава есен. Како што пренесува РТС, според српските експерти овие проблеми подобро би се решило со построги законски казни и со поефикасно судство, отколку со регистри.
За примена на овој систем ќе послужи македонскиот пример. Македонија има регистер веќе три години и во него се внесени 30 000 сопственици и раководители. Во Србија има 113 000 регистрирани стопански субјекти од кои 25 000 претпријатија имаат блокирани сметки повеќе од три месеци.
Ваков вид на заштита од лоши менаџери е познат и во Британија која има таканаречени ,,црни листи“, додека пак во Франција постои бонитет на директорите кои се оценети според учинокот.
Соња Стојановска
