Прекин на огнот во Газа се очекува за неколку дена
Израел и Хамас се поблиску до договор за примирје. Американскиот претседател Бајден очекува да почне идната недела. Во меѓувреме, продолжуваат израелските напади и против Хезболах …

Завојуваните страни Израел и Хамас се чини дека се близу до договор. Прекинот на огнот во Газа ќе почне во рок од неколку дена, изјави американскиот претседател Бајден. Катар, Египет и САД со недели посредуваат за ново примирје, што треба да го олесни ослободувањето на израелските заложници кои сè уште се држат во крајбрежниот појас. Тел Авив е под притисок од својот главен сојузник САД да договори примирје со кое би се спречил напад врз Рафах каде што се засолнети над милион Палестинци.
„Се надевам дека до почетокот на викендот, мислам на крајот на викендот, барем мојот советник за национална безбедност ми рече дека сме близу. Мојата надеж е дека до следниот понеделник, ќе имаме прекин на огнот“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
Израелската војска објави снимка, од како што велат, 10-метарски подземен тунел што ги поврзува северниот и јужниот дел на Појасот Газа. Претходно одбраната соопшти дека воздушните сили погодиле цели на Хезболах во Либан.
„Ако има некој овде што мисли дека кога ќе постигнеме договор за ослободување на заложниците огнот ќе престане и ќе ги олесни работите, тогаш тие грешат. Ќе продолжиме со нападите без оглед на тоа што се случува на југ, додека не ги постигнеме нашите цели. Целта е едноставна – да се повлече Хезболах таму каде што треба. Или со договор, или ќе го направиме тоа со сила“, Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
Обединетите нации тврдат дека се подготвени да ги поддржат напорите за надминување на предизвиците со кои се соочува палестинскиот народ во Газа по веста дека палестинскиот премиер даде оставка.
„Обединетите нации се подготвени да ги поддржат напорите насочени кон надминување на хуманитарните, политичките, финансиските, како и безбедносните предизвици со кои се соочува палестинскиот народ. Зајакната, овластена палестинска влада која може да управува со целата окупирана палестинска територија е од клучно значење за воспоставување на целосно независна, демократска, суверена и одржлива палестинска држава“, Стефан Дујарик, портпарол на ООН.
Офанзивата на Израел во Појасот Газа почна на 7-ми октомври по терористичкиот чин врз цивили изведен од Хамас.
Маријана Димовска
