Култура

Јонас Стал го изложува најновиот проект „Станица Пропаганда“ во МСУ

27.02.2024 09:37

На 1-ви март, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена самостојна изложба на светски познатиот уметник Јонас Стал – „Станица Пропаганда“...

Холандскиот уметник, кој ќе биде специјален гостин на музејот е препознатлив по истражување на односот помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата, а неодамна ја доби и престижната награда за визуелни уметности „Prix de Rome“. Кураторка на изложбата е Ивана Васева.

Еден од главните елементи кои ја градат инсталацијата на Стал, специјално создадена за Музејот на современата уметност – Скопје е видео студијата „Пропаганден театар“ од 2023 година, преку која го сумира десетгодишното истражување за пропагандата. Ставот на уметникот е дека пропагандата не е само испраќање и манипулирање на некоја порака, туку има за цел да конструира нови реалности.

Следниот ден на 2 март, со почеток во 12 часот, во соработка со кураторката, Стал организира Школа за пропаганда со наслов „АНТИКВИЗАЦИСКА ПРОПАГАНДА. Од Скопје 2014 до Скопје – престолнина на културата 2028“. Влезот ќе биде слободен.

Во 2021 година, Стал ја донираше на МСУ инсталацијата „Нови Сојузи“ (New Unions 2016 – 2019), која беше дел од групната изложба „Се што ни е заедничко“, а делото ќе може уште еднаш да се погледне на изложбата „АКВИЗИЦИИ – ДОНАЦИИ 2022-2023“, курирана од Ива Димовски, која ќе се отвори кон средината на оваа година. Основач е на уметничката и политичка организација „Нов светски самит“ (2012 – тековно). Заедно со драматургот и куратор Флоријан Малзахер го води тренинг кампот „Обука за иднината“ (2018-тековно), а со адвокатот за човекови права Јан Фермон ја иницираше тужбата за колективна акција „Collectivize Facebook“ (2020-тековно). Стал учествувал на многу изложби помеѓу кои: „Уметност на државата без државјанство“ (Модерна галерија, Љубљана, 2015), „Шкотско-европскиот парламент“ (ЦЦА, Глазгов, 2018), „Музеј како парламент“ (со Демократската самоуправа на Рожава, Ван аббе музеј, Ајндховен, 201 година-во тек) и „Бараме уште милион години“ (Фондационе Сандрето де Ребоденго, Торино, 2022 година).

Неговите проекти се изложени во светки познати музеи како: Стеделијк во Амстердам, M_ХKA во Антверпен, Музејот Модерна во Стокхолм, Центарот Помпиду-Мец, уметничкиот центар Нам Џун Пајк во Сеул, Фрејмд во Амстердам, како и на 7-то Берлинско биенале, 31-то биенале во Сао Паоло, 12-то биенале во Тајпеј и 14-то биенале во Гвангжу во Јужна Кореја. За пропагандата и пропагандната уметност досега ги има објавено публикациите: „Пропагандна уметност во 21 век“ издадена од MIT Press во 2019 година, „Стив Банон: ретроспектива на пропагандата“, издадена од Het Nieuwe Instituut, Ротердам, 2018 година, „Пост-пропаганда“, издадена од Холандската фондација за визуелни уметности, дизајн и архитектура во 2010 година.