„Белата чума“ го зема својот данок: За 30 години се очекува подобрување на состојбата со наталитетот

13.06.2014 17:26

Со децении бројот на живородени деца се намалува на ниво на држава предупредуваат познавачите. Најалармантни региони се пелагонискиот, источниот и вардарскиот регион...

Бројот на живородени деца, етнички македонци е под 50 насто од вкупниот број родени деца во државава. Белата чума се повеќе го зема својот данок, алармираат експертите. Податоците покажуваат дека расте негативниот природен прираст кај македонците, секоја година се раѓаат помалку одоштоумираат. Со децении бројот на живородени деца се намалува на ниво на држава предупредуваат познавачите. Во 2004-та имало 23.361 живородено дете, а во 2013-та, 23.227. Бројот на умрени е зголемен од 17.944 во 2004-та на 19.193 во 2013-та. Покрај економските причини, детектирани се и други.

„Покрај економските причини тука е и таа деаграризација, натрупувањето на младата популација во урбаните средини, раселувањето низ светските средини“, вели д-р Никола Панов, професор на Природно- математичкиот факултет.

„Одлуките за стапување во брак кај етничките македонци се во подоцнежни фази, а одлуките за чување деца се носат исто така подоцна“, вели  Јорде Јакимовски, директор Институтот за социолошко-политичко правни истражувања.

Најалармантни региони се пелагонискиот, источниот и вардарскиот регион. 

„Таму имаме негативна стапка на прираст, таму воглавно е македонската популација“, нагласува Јакимовски.

За да се надмине проблемот со падот на наталитетот, експертите велат дека владините субвенции се добар потег, но, сепак резултататот не може да се постигне преку ноќ.

Експертите очекуваат, ако продолжи трендот на субвенционирање, за 30 до 35 години да се стабилизира состојбата и да има зголемен наталитет кај етничките Македонци.

 

Наташа Гркова- Петрушевска