Макрон не исклучува испраќање западни војници во Украина
На меѓународната конференција за поддршка на Украина на која се собраа 21 шеф на држава во Париз, договорено е испраќање на поголема помош на Украина. Францускиот претседател Емануел Макрон не исклучува ни учество на западни копнени трупи и притоа ја потврди посветеноста на Париз кон Украина …

Емануел Макрон, сака да ја задржи „стратешката нејасност“ објаснувајќи дека дискусијата се концентрирала околу прашањето за побрза испорака на тенкови и ракети и нејзино засилување. „Значи, сè што е можно ако помага во постигнување на целта. Општиот заклучок денес е дека е во игра сигурноста на сите нас“.
Всушност, испраќањето на западните трупи на теренот во Украина не треба да се исклучи во иднина, потврди Емануел Макрон, но сепак, имајќи предвид дека во оваа фаза нема консензус за оваа хипотеза.
„Денеска немаше консензус за испраќање копнени трупи. Но, во динамиката, ништо не треба да се исклучи. Ќе направиме сè што е потребно Русија да не може да победи во оваа војна. Многу луѓе кои сега велат ’никогаш‘ за ваквата можност, се истите кои пред две години велеа ’никогаш‘ за тенковите, авионите, ракетите со долг дострел“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
Односот на Русија се заострува како на политички план, така и на фронтот во Украина, каде се закануваат нови руски напади. Руски пораз е неопходен за стабилноста и безбедноста во Европа, поради што поддржувачите на Украина треба да продолжат понатаму. „Ние сме во процес на обезбедување на нашата денешна и утрешна безбедност“, рече Макрон, истакнувајќи притоа дека не сакаме да војуваме со рускиот народ.
Во Париз беше донесена одлука за формирање коалиција која ќе ја снабдува Украина со ракети и бомби со среден и долг дострел за удари далеку зад руските линии, истакна францускиот претседател.
Реагирајќи на изјавата на Емануел Макрон, лидерот на Бунтовна Франција, Жан-Лук Меланшон дека „војната против Русија би била лудило“. „Испраќањето војници во Украина би нè направило воинственици. Оваа воинствена вербална ескалација на нуклеарна сила против друга голема нуклеарна сила е веќе неодговорен чин“, протестираше поранешниот кандидат за претседателските избори. Исто како и Марин Ле Пен, која рече дека не знае дали сите ја сфаќаат сериозноста на ваквата изјава. „Емануел Макрон си игра воен водач, но тој зборува со такво невнимание за животите на нашите деца. Во прашање е мир или војна во нашата земја“, рече Ле Пен.
За војната во Украина денес ќе стане збор и во Тирана, каде се очекува да учествува и украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот Југоисточна Европа – Украина, самит на кој е најавено учество на 13 европски лидери, вклучително и шестмината од Западен Балкан, како и претставник на ЕУ.
Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ
