ДИК

Османи ги собра, Димитриевски, Таравари и Ванковска блиску до 10.000 потписи

27.02.2024 13:17

Претендентите за претседателската трка ги собираат потписите, стигна и условена понуда за коалиција. Според пресекот на Државната изборна комисија заклучно со 26-ти февруари најмногу потписи има собрано Бујар Османи од ДУИ...

Кандидатите за претстојните претседателски избори го интензивираат собирањето на потписите за учество во претседателската трка.

Според пресекот на Државната изборна комисија заклучно со 26-ти февруари најмногу потписи има собрано Бујар Османи од ДУИ и тоа 10.528. ДУИ е задоволна од масовниот одзив на граѓаните во поддршка на кандидатурата на Бујар Османи за претседател. Според портпаролот Арбр Адеми, основата на идејата на лидерот Али Ахмети е Претседателот на државата да се избира во Собрание со 2/3 мнозинство на гласови и со Бадентерово мнозинство, за да се обезбеди општествен, натпартиски консензус со над 80 гласови во Собранието како и етнички консензус преку Бадинтерово мнозинство за да се спречи етничко надгласување и наметнување на волјата само на двете поголеми македонски политички партии.

Според податоците на ДИК за кандидатот на ЗНАМ, Максим Димитриевски до пресекот на резултатите се потпишале 8.400 граѓани. Следен на листата е кандидатот на здружената албанска опозиција, Арбен Таравари. До вчера за него се потпишале 7.513 граѓани. За претседателската кандидатка на Левица, Билјана Ванковска, заклучно со 26-ти февруари се потпишале вкупно 6.237 лица.

За кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, својот потпис го ставиле 4.718 граѓани. Од преостанатите кандидати, Мерсиха Смаиловиќ собрала 696 потписи, а кандидатот Вело Марковски 682 потписи. Досега ниту еден потпис не собрал кандидатот Томе Николоски.

Известува Марина Стојанова-Тонева