Кремљ предупредува на судир со НАТО доколку сојузниците испратат војници во Украина
Кремљ предупреди дека ќе биде неизбежен директниот воен конфликт меѓу Русија и НАТО доколку европските членки на Алијансата испратат свои војници во Украина...

„Испратите ли трупи во Украина, ќе влезете во директен судир со нас“ – Кремљ се закани по изјавите на францускиот претседател Макрон.
„Опасностите од таквите акции, директното вклучување во жешки конфликти на боиштата не е во интерес на овие земји, и тие треба да внимаваат. Во тој случај не би требало да зборуваме за веројатност, туку за неизбежност од директен конфликт меѓу НАТО и Русија“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Отфрлајќи ја можноста за воена акција на НАТО, првиот човек на Алијансата повтори дека Русија сериозно го крши меѓународното право, и Киев има право на самоодбрана. И Берлин контра Париз – нема да се испраќаат трупи во Украина.
„Нема да има копнени трупи, нема војници на украинско тло испратени од европските држави или државите од НАТО. Војниците во нашите земји нема да бидат активно вклучени во војната-важно е да продолжиме да се уверуваме во ова“, изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија.
На Киев неизбежно му е потребна воена помош за да ја победи Русија – коментираат премиерите на Чешка и Полска на средба во Прага, исклучувајќи ја можноста за испраќање војници.
„Полска изрази подготвеност да учествува во т.н. Чешка иницијатива за испорака на муниција на Украина која имав можност да ја претставам во Париз вчера. Но можам да кажам во името на двете држави дека не размислуваме за испраќање војници во Украина“, изјави Петр Фиала, премиер на Чешка.
Претходно, на конференцијата за Украина во Париз, Макрон изјави дека нема консензус за испраќање војници од европските земји во Украина, но нагласи дека „ништо не треба да се исклучува“.
„Нема консензус официјално, отворено и со поддршка да се испрати војска на теренот. Но, во однос на динамиката, ништо не треба да се исклучи. Ќе направиме се за да се осигураме дека Русија не може да победи во оваа војна“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
На самитот во Париз присуствуваа околу 20 европски лидери со цел да му се испрати порака на рускиот претседател Путин дека Европа е решена да и помогне на Украина.
Бојана Крстевски
