Македонија

Четири скали- пречка за потпис од лицата со инвалидитет

27.02.2024 14:25

Не сите од лицата со попреченост ќе го остварат своето уставно загарантирано право на потпис за некој од потенцијалните кандидати за претседател на државата. Тие повторно се соочуваат со архитектонски бариери, тешко пристапни канцеларии. Златниот олимпиец Јовановски, смета дека државата треба прва да ги урива бариерите, но и парадигмата дека овие лица се неспособни и болни…

Четири скали без ограда, пристапна рампа, спуштени рабници ниту пак обележан паркинг простор за лицата со попреченост. Ваква е сликата пред подрачната канцеларија на Државната изборна комисија во Куманово. Граѓаните кои се движат со ортопедски помагала, слабовидните или слепите, спречени да го остварат уставно загарантираното право, да дадат потпис за некој од кандидатите за иден претседател на државата. Тие сè уште се соочуваат со архитектонски бариери во јавните установи.

Прашањето што се поставува е колку од лицата со одредена попреченост ќе можат да го остварат своето загарантирано право на глас за време на изборите, поради лошата пристапност на објектите.

Златниот олимпиец, Бранимир Јовановски кој е дел од здружението „Мобилност“, смета дека државните институции треба да бидат први кои ќе ги уриваат бариерите. Ќе им покажат на останатите, дека лицата со попреченост не се граѓани од втор ред.

„Време е да се сруши парадигмата дека лицата со инвалидност се неспособни и болни. Тие ниту се болни, ниту неспособни. Тие можат и тоа како да дадат придонес во општеството само доколку имаат соодветна поддршка, а една од поддршките е токму рушењето на ваквите бариери, односно можноста за нивно непречено движење, самостојно што е пред сè многу важно“, вели Јовановски.

Последната студија којашто ја изработиле со ДИК покажала дека над 70 отсто од изборните места биле непристапни за лицата со инвалидност. Јовановски се надева дека во новиот Закон за градење кој е во постапка, пристапноста во објектите, ќе биде основа за градба.

„За Бране сите знаеме, златен олимпиец, карактер борбен, упорен. Но што со помладите, кои ќе дојдат и ќе се обидат да се качат на овие скали?“

„Нема да се обидат да се качат, ваквите скали се дестимулативни за нашата популација. Ќе дојдат ќе погледнат и ќе си заминат.“

Во земјава нема статистика за бројот на лицата со попреченост. Но, само здружението „Мобилност Македонија“ доброволно има регистрирано над 8.000 членови. Од Државната изборна комисија до започнување на дневникот на добивме одговор дали при утврдувањето на канцелариите, воделе грижа и за непречен пристап на лицата со инвалидитет.

Елена Георгиевска