Македонија

Депоата преполни со конфискувани предмети

27.02.2024 14:50

Депоата на Агенцијата за управување со одземен имот, каде стои одземен имот од граѓани и правни субјекти кој по основ на судска постапка е конфискуван и е во владеење на државата.

Облека, бела техника, заостанати намирници со изминат рок. Депоата се преполни со конфискувани предмети кои чекаат нов сопственик. Оставени на забот на времето, ’рѓосуваат околу 7.000 возила, неми сведоци за сторените кривични дела.

Фета Јакупи, повеќе од 12 години работи во складиштето. Појаснува дека храната, облеката, добитокот, медицинската опрема, се донира во општини, училишта, болници, дом за деца без родители, затвори.

Јавна аукција чекаат и 70-тина недвижности. Меѓу нив и 20 станови на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и три имоти на екс-премиерот Никола Груевски. За да се стават на лицитација се чека одобрение од Владата. Се подготвуваат и законски измени, за да не може потесното семејство да го откупи имотот.

Цените за аукцијата ги формира Бирото за судски вештачења. Парите од продажбата се слеваат во буџетот, па така последнава година се инкасирани 2,4 милиони евра.

 

 

Анита Димитријевска- Велковска