туризам

Охрид и Македонија не се претставија на туристичкиот саем во Белград

28.02.2024 12:20

Направен е голем пропуст што земјава и Охрид годинава не се претставија на туристичката берза во Белград, која е најголем туристички настан во регионот. Ова е ставот на Хотелската асоцијација на Македонија од каде што посочуваат дека овој кикс не смее да се повтори, бидејќи српските туристи се меѓу најбројните кои ја посетуваат нашата држава …

Иако српскиот туристички пазар е еден од најзначајните за македонскиот туризам, годинава за прв пат по многу децении Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и општина Охрид не издвоија средства за закуп на штанд на најголемиот регионален туристички саем во Белград. На тој начин се пропушти можноста за промоција на нашите туристички можности пред српските тур-оператори и туристички агенции, но и пред останатите од другите земји од Балканот.

Неучеството на туристичката берза во Белград според хотелиерите е скандалозно, бидејќи минатата година бројот на српски туристи беше зголемен за 10 проценти во споредба со 2019-тата која се смета за една од најуспешните во македонскиот туризам.

„Не можеме да ги негираме тие оценки дека се скандалозни и т.н., сето тоа треба да го прифатиме дека е така направено. Кога ќе се направи грешка се прави извинување и се оди понатаму. Значи треба да се прими тоа извинување од нивна страна и да се разбереме дека е направена некаква грешка, не е ништо намерно“, изјави Крсте Блажевски, претседател на ХОТАМ.

Годинава киксираше и општина Охрид која секогаш во рамките на македонскиот штанд го промовираше градот, а изостана и традиционалната охридска вечер.

„За жал и таа имаше пропуштено овој пат, најверојатно се многу зафатени сега со тие предизборни кампањи и така натаму, спремање на материјали и овие се ситни работи, општо за сите зборуваме нели и едноставно ги изоставаат“, изјави Блажевски.

Сепак претставници на ХОТАМ беа на туристичката берза и на некој начин хотелиерите индиректно ги задржаа контактите, поради што се очекува посетеноста од српските туристи и оваа година да биде на минатогодишното ниво.

 

Сашо Нелоски