Економија

Битиќи: Санкции за трговците за секое поскапување надвор од пазарната логика

28.02.2024 12:39

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи порача дека секое нелогично зголемување на производите, кое ќе биде надвор од пазарната логика, ќе биде санкционирано.

Откако најави укинување на гарантираните цени, Владата се закани дека ќе ги санкционира трговците за секое поскапување надвор од пазарната логика. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи бара компаниите да покажат не само бизнис, туку и морал и етика.

„Ние сметаме дека конечно лекцијата е добиена, дека во државата освен правење на бизнис и креирање на профит мора да има морал и етика кај компаниите. Сметам дека замрзнувањето на цената не е една од мерките којашто соодветствува со пазарната економија, оценувам дека треба да се вратиме во нормалните текови на живеење а на бизнисмените им останува соодветно да се однесуваат. Тоа нема да значи дека еве ако во Собранието нема разум за носењето на Законот за нефер трговски практики дека ние нема да реагираме“, кажа Битиќи.

Според него, конечно е дојдено времето секоја една институција соодветно да реагира.