Се укинува графата „националност“ во книгите за матична евиденција, одлучи Уставен
Уставниот суд донесе одлука со која се укинува делот националност од Законот за матична евиденција, соопшти денеска прес-службата на Судот. Претходно, кон крајот на минатата година, Уставен со времена мерка им наложи на надлежните служби да не смеат да бараат од граѓаните податоци за националност додека Судот не донесе конечна одлука. Со денешната одлука целосно се брише графата „националност“ од матичните книги на родените, венчаните и на умрените...

Во изводите од матичната книга на родени се брише графата „националност“. Според Уставниот судот, изјаснувањето за национална припадност не е должност, туку можност или незадолжителен податок со што граѓаните се лишени од правото да не се изјаснат за својата национална припадност.
„Уставниот суд ја донесе одлуката поаѓајќи од фактот дека станува збор за приватно и внатрешно чувство на човекот. Никој не може да биде принуден тоа чувство јавно да го манифестира и да предмет на задолжително институционално администрирање во јавните исправи, со оглед на тоа дека Уставот преку членот 18 ја гарантира тајноста и сигурноста на личните податоци“, изјави Христина Беловска, портпарол на Уставен суд.
Дополнително во образложението од Уставен суд велат оти не бил запазен рокот за објавување на сите акти во службен весник. Министерот Лога остана на ставот дека е отворена пандорината кутија, го повика судот да постапува ретроактивно и за другите подзаконски акти каде не е почитуван уставниот рок.
„Непреземањето на соодветни дејствија со цел обезбедување на почитување на уставниот рок, за кои Уставниот суд, знаел или можел да знае, претставува основа за кривична одговорност“, стои во соопштението одМинистерство за правда.
Впишувањето на националноста во изводот од матичната книга на родени го воведе министерот за правда Кренар Лога, кој минатата година објави упатство за матичните служби врз основа на законот од 1995 година, кој беше оспорен од политичката партија Левица. Уставниот суд кон крајот на минатата година поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот за матична евиденција, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.
Андријана Ѓурческа
