ДИК

Во ДИК од денеска почна увидот во избирачкиот список

28.02.2024 16:10

Почна увидот во избирачкиот список, ќе трае до 18-ти март. Сите граѓани можат да проверат електронски или директно во канцелариите на ДИК. А во комисијата продолжува и собирањето на потписи за кандидат за претседател. Османи, Димитриевски и Таравари успеаја да ги соберат потребните 10 илјади и заедно со Силјановска-Давкова и Пендаровски, засега се сигурни учесници на претседателските избори...

Почна увидот во избирачкиот список кој ќе трае до 18-ти март. Граѓаните може да проверат дали ги има на списокот со впишување на матичниот број на интернет страната на Државната изборна комисија или во нејзините подрачни одделенија и канцеларии. Граѓаните кои преку интернет нема да се пронајдат на списокот или сакаат да извршат дополнување или бришење на нивните податоци, треба да се обратат до Државната изборна комисија.

Подрачните одделенија и канцеларии ќе работат и за време на викендот и во празничните денови, од 8 до 20 часот. Нивните локации ги има на интернет страната на ДИК, а најголемиот дел се сместени во седиштата на општинските локални самоуправи односно во канцелариите, каде веќе се собираат потписи за претседателските кандидати. А, во контекст на собирањето на потписите неопходни за учество на претседателските избори, тројца од кандидатите веќе го имаат надминато прагот од 10.000 потписи. Тоа се Бујар Османи од ДУИ, Максим Димитриевски од „За наша Македонија“ и Арбен Таравари од „Алтернатива“.

Најблизу до нив се кандидатот на „Левица“, професорката Билјана Ванковска со околу собрани 8.000 потписи и Стевчо Јакимовски од ГРОМ со околу 6.500 потписи, додека останатите кандидати имаат далеку помал број на собрани потписи. И секако, директно во претседателската трка влегуваат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска и на СДСМ, Стево Пендаровски, кои немаат обврска да собираат потписи, но и тие најавија дека ќе го искористат ова право.

Рокот за собирање на потребните потписи истекува на 8-ми март.

 

Марија Котовска