Самит

Во Тирана самит на земјите од Западен Балкан, присуствува и претседателот Пендаровски

28.02.2024 18:11

По конференцијата во Париз, самит Украина – Југоисточна Европа во Тирана. Лидерите од Европа и Западен Балкан денес и утре дискутираат за натамошната поддршка на Киев. Украинскиот претседател потпиша договор за пријателство и соработка со Албанија и го одликуваше премиерот Рама со орден „Принц Јарослав мудриот“.во Албанија е и шефот на државата Пендаровски и премиерот Џафери.

Дводневен самит Украина – Југоисточна Европа во Тирана. Тринаесет европски лидери, шестмината од Западен Балкан, како и претставник на ЕУ дискутираат за натамошна поддршка за Киев. Украинскиот претседател потпиша договор за пријателство и соработка со Албанија и го одликуваше премиерот Рама со орден „Принц Јарослав мудриот“. Зеленски потсети-Украина и балканските земји заслужуваат да бидат дел од евроатлантската заедница и предложи соработка во областа на производството на муниција.

На самитот учествуваат претседателот Пендаровски и премиерот Џафери. Шефот на државата, на пленарната сесија истакна дека Северна Македонија беше меѓу првите земји којашто и даде воена, техничка и хуманитарна помош на Украина во вредност од 60 милиони евра. Приштина, исто така, ја повтори поддршката на Киев.

„Тука сме повторно да се посветиме, не само на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, туку и на вредностите за кои стоиме заедно, вредностите на слободата, независноста и меѓународниот поредок заснован на правила“, изјави Вјоса Османи, претседател на Косово.

„Ни претстои тежок ден. И утре ќе разговараме за програмата за раст, заедничкиот пазар. За нас не се лесни теми тоа“, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ.

Европската унија треба да размисли за користење на профитот од замрзнатите руски средства за купување воена опрема за Украина, оцени претседателката на Европската Комисија фон дер Лејен.

„Европа треба да се стреми да ја развие и произведе следната генерација на оперативни способности за победа во битка и да се осигури дека има доволно количество материјал и технолошка супериорност што можеби ќе ни треба во иднина“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

По меѓународната конференција во Париз, Москва ја повторува тезата дека НАТО структурите не биле обединети во поддршката на Украина. Според руското МНР, и Зеленски укажал дека состојбата на фронтот била катастрофална.

 

Маријана Димовска