Старата скопска чаршија- нов сјај во ноќниот живот!
За прошетка, за муабет, за кафе, за ручек...старата Скопска чаршија го врати стариот сјај. Преполна и во ноќните часови. Туристите не ја напуштат земјава додека не се прошетат по сокаците на чаршијата...

И пред 30 години имаше живот во старата Скопска чаршија. Се собиравме со друштвото, но беше сосема поинаку од сега... Изменето е а сепак ја задржува својата автентичност. Старата скопска чаршија дише повторно...раскажува Слободан Дане Капевски кој после 30 години повторно се вратил во својата татковина.
„Сега баш прошетав вечерва и видов дека секоја улица е доволно зафатенаи баш ме радува што има луѓе таму. И предходно имаше, ама во тоа време беше собиралиште се наоѓавме во еден локал и знаевме кај сме“, раскажува Слободан Дане Капевски.
Старата Скопска чаршија е едно од најживописните и најинспиративните места во Скопје. Речиси сите туристи кои прошетале некогаш по сокаците, го посочиле токму ова катче како највпечатливо и најубаво од сите. Во последниве години е зголемен нивнот број.
„Ние сме од Турција, од Анкара, првпат сме во Македонија и е прекрасно... Ноќниот живот е многу убав тука во Скопје, велат туристите кои случајно ги сретнавме.
Угостителите велат дека едноставно има некаква чудна енергија која тлее во ова старо градско јадро. Туристите се се побројни, а ноќниот живот е како цело Скопје да се собрало на едно место. Во секое од кафулињата е различен филм...
„Доаѓаат странски туристи... дерман немаме од нив...“, вели еден сопственик на кафуле.
„Нивното мени е тавче гравче, ќебапчиња, салата некоја свежа...“, објаснуваат од гостилниците.
Место кое има нешто што го прави да биде поинакво од другите. Некој чуден шарм кој никого не остава рамнодушен, мали места и сокаци со голема душа кои пленат и освојуваат велат оние кои секој ден го поминуваат во овој дел од градот.
И во еден чаост по полноќ, ако пред неколку години скопската стара чаршија беше пуста и празна, сега и сами може да се уверите каков е ноќниот живот овде.
Ана Јосифоска- Тодоровска
