Хуманитарна катастрофа во Газа, САД размислува за воздушен транспорт на помош
Во Газа се случува вистинска катастрофа. Обединетите нации предупредуваат дека четвртина од населението во енклавата гладува, а децата умираат од неухранетост. Вашингтон ги разгледува плановите за авионска достава на помош, Хамас тврди дека досега загинале над 30 илјади Палестинци...

По повеќе од 4 месеци од војната во Газа, постои надеж дека може да дојде до прекин на огнот. По Вашингтон, и Каиро со оптимистичка изјава за скоро постигнување на договор меѓу Израел и Хамас.
Додека разговорите се интензивираат, цивилите очајни за тој исход. 12-годишната Малак кратко се одмара од продажбата на чипс за да ја сподели својата секојдневна борба за храна.
„Имавме нормален живот, сè што ни требаше, не бевме исцрпени како сега. Игравме, учевме и се забавувавме. Нашите денови се претворија во војна“, рече Малак Ал Деирби, раселено девојче.
Меѓународната заедница алармира за екстремните хуманитарни услови и гладта во енклавата. Бара прекин на огнот веднаш.
„Луѓето немаат сигурност, немаат стабилност. Сè потешко е да ја добијат хуманитарна помош која им е потребна. Потребите растат со астрономска брзина“, изјави Ејми Поуп, генералната директорка на Агенцијата за миграција на ОН.
„Главен приоритет во моментов е да ги извлечеме заложниците од газа и да донесеме хуманитарна помош, а за тоа ни требаат итни хуманитарни паузи“, изјави Александар Шаленберг, министер за надворешни работи на Австрија.
Прекинот на огнот во Газа би решило многу прашања-се сложуваат САД. Ја разгледуваат можноста за испраќање помош со воени авиони.
„Договорот би решил многу прашања за распределбата на хуманитарната помош. ОН не можат да доставуваат храна и друга помош поради безбедносната ситуација“, изјави Метју Милер, портпарол на американскиот Стејт департмент.
Франција, Јордан и Египет ја продолжија доставата на помош од воздух додека борбите продолжуваат. Растат и тензиите со Хезболах на либанска територија. Посредниците со недели бараат мировна формула што би можела да ја запре разорната офанзива, овој пат пред светиот муслимански месец Рамазан.
Бојана Крстевски
