Тирана

Самит Западен Балкан – ЕУ за Планот за економски раст на регионот

29.02.2024 12:09

Во Тирана се одржува Самит Западен Балкан – Европска унија. Клучниот фокус е ставен на планот за економски раст на регионов, тежок 6 милијарди евра...

Планот за раст на Западниот Балкан усвоен од Европската комисија, е главна тема на Регионалниот самит во албанската престолнина, на кој присуствува и македонска делегација предводена од техничкиот премиер Талат Џафери. Самитот во Тирана е всушност продолжение на јануарскиот самит во Скопје, во чии рамки лидерите на земјите од Западен Балкан беа запознаени со можностите што овој план ги нуди со 6-те милијарди евра помош за периодот до 2027 година. Од нив, 2 милијарди се неповратни средства, а останатите 4 се кредит.

Услов за помошта е спроведување на неопходните социо-економски и темелни реформи, а планот се темели на четири столба – јакнење на економската интеграција со единствениот пазар на Унијата и во западниот Балкан преку заеднички регионален пазат, забрзување на темелните реформи и зголемување на финансиската поддршка за нив.

Во фокусот на средбите во Тирана е унапредувањето на регионалната соработка и реализацијата на заеднички регионален пазар, во насока на постепено вклучување на единствениот европски пазар. Македонија е целосно посветена на реализацијата на стратешката цел за членство во Унијата и на планот за раст на Западен Балкан, информираа од Владата, додавајќи дека нашата посветеност е нагласена преку соработката со Европската комисија и делегацијата на Унијата во Скопје со цел приближување кон европските стандарди.

 

Марија Котовска