Последен ден со „гарантирани цени“

Граѓаните стравуваат од нов ценовен удар

29.02.2024 14:04

Последен ден со гарантирани цени на основните прехранбени производи. Истекува важноста на мерката, како и одлуката за намалени увозни давачки за зеленчукот. Граѓаните стравуваат од нов ценовен удар, институциите најавуваат засилени инспекциски контроли…

Додека граѓаните стравуваат од нов ценовен удар, институциите најавуваат засилени инспекциски контроли. Од утре се одмрзнуваат цените на основните прехранбени производи.

Истекува важноста на мерката за ограничување на цените на лебот, млекото, јогуртот, тестенините, оризот, бисквитите, дел од месните производи, безалкохолните пијалаци. Истекува и владината одлука со која беа намалени увозните давачки за зеленчукот. Граѓаните велат дека стандардот ни е низок и тешко врзуваат крај со крај.

„Мислам дека цените ќе се качуваат. Тој закон за трговците што го кажуваат треба да го донесат, да ги средат малку меѓу себе како се договараат.“

„Нека ги качат па ќе ги симнат, или ќе одат на акции. Така прават.“

„Ќе ги поскапат затоа што се изедначуваме со Европа, а таму храната е поскапа.“

„Имаме многу низок стандард, ова е неиздржливо, луѓето не може да опстанат“-велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Институциите најавуваат засилени инспекциски контроли за да се спречи драстично поскапување на производите. Очекуваат и маркетите да бидат во функција на граѓаните.

„Државниот пазарен инспекторат во изминатиот период беше активно на терен, постојано ги контролиравме гарантираните цени. Сега малку да оставиме на совеста на производителите и на трговците. Во очекување сме на донесување на системско решение на Законот за забрана на нефер трговски практики, особено во трговијата со земјоделски и прехранбени производи. Секако инспекторите и понатаму будно ќе ја следат ситуацијата на терен“, изјави Даниела Рендевска, претседателка на Инспекцискиот совет.

Вицепремиерот за економски прашања Битиќи порача дека секое неетичко однесување на кој било трговец ќе се казни. Тој ги повика да реагираат Комисијата за заштита на конкурентноста и Организацијата за заштита на потрошувачи.

Сè уште се чека пратениците во Собранието да го донесат Законот за нефер трговски практики, со којшто треба да се амортизира состојбата.

Ана Јосифоска-Тодоровска