Воен конфликт

Десетици загинати во воздушен напад на југот од Газа додека чекале хуманитарна помош

29.02.2024 14:40

Тел Авив тврди дека немаат сознанија за гранатирање на локацијата. Инцидентот може да доведе до неуспех на преговорите во Катар-вели Хамас...

Десетици загинати и стотици ранети во израелски воздушен напад на југот од Газа додека луѓето чекале ред за хуманитарна помош – обвинуваат здравствените власти во Газа.

„Откако престанаа да пукаат се вративме за да им помогнеме на другите. Ова што се случи е повеќе од доволно. Отидовме да земеме брашно за децата“, изјави Камел Абу Нахел, повреден Палестинец.

Тел Авив тврди дека немаат сознанија за гранатирање на локацијата. Инцидентот може да доведе до неуспех на преговорите во Катар-вели Хамас. Претходно, Египет соопшти дека постои надеж за скоро постигнување на договор меѓу Израел и Хамас. Додека разговорите се интензивираат, меѓународната заедница алармира за екстремните хуманитарни услови и гладта во енклавата. Бара прекин на огнот веднаш.

„Луѓето немаат сигурност, немаат стабилност. Сè потешко е да ја добијат хуманитарна помош која им е потребна. Потребите растат со астрономска брзина“, вели Ејми Поуп, генералната директорка на Агенцијата за миграција на ОН.

„Главен приоритет во моментов е да ги извлечеме заложниците од Газа и да донесеме хуманитарна помош, а за тоа ни требаат итни хуманитарни паузи“, изјави Александар Шаленберг, министер за надворешни работи на Австрија.

Прекинот на огнот во Газа би решило многу прашања-се сложуваат САД. Ја разгледуваат можноста за испраќање помош со воени авиони.

„Договорот би решил многу прашања за распределбата на хуманитарната помош. Он не можат да доставуваат храна и друга помош поради безбедносната ситуација“, рече Метју Милер, портпарол на американскиот Стејт департмент.

Франција, Јордан и Египет ја продолжија доставата на помош од воздух додека борбите продолжуваат. Растат и тензиите со Хезболах на либанска територија. Посредниците се надеваат дека ќе успеат да постигнат договор пред почетокот на светиот месец Рамазан – црвената линија што ја постави Израел за ослободување на заложниците.

Бојана Крстевски