Путин предупреди на ризик од нуклеарна војна
Иако и генералниот секретар на НАТО, Столтенберг одречно се спротивстави на распоредувањето на трупите на алијансата во Украина, во годишното обраќање до нацијата, рускиот претседател Путин укажа на последиците и крајот на цивилизацијата...

Употребата на нуклеарниот арсенал повторно е во најопасната игра за човечкиот род на планетата. Иако и генералниот секретар на НАТО, Столтенберг одречно се спротивстави на распоредувањето на трупите на алијансата во Украина, во годишното обраќање до нацијата, рускиот претседател Путин укажа на последиците и крајот на цивилизацијата.
„Ја знаеме судбината на оние коишто еднаш испратија трупи на руска територија. Овојпат последиците од можната странска интервенција ќе бидат уште потрагични. И ние имаме оружје кои може да ја погоди НАТО територијата. Тие сега го заплашуваат светот со нас, што е закана за конфликт со нуклеарно оружје. Тоа ќе значи уништување на цивилизацијата“, изјави Владимир Путин, претседател на Руската Федерација.
Повеќето членки на европските држави, особено од соседството на Русија се изјаснија против испраќањето сопствени контингенти во Украина. Во Прага итна средба на парламентарните спикери од Вишеградската група со Стефанчук, претседателот на украинската Рада. Во бугарскиот парламент, министерот за одбрана Тагарев се обиде да го разјасни состанокот во Париз што доведе до светските реакции. Не биле потпишани никакви документи. И премиерот Денков потврди-Софија е против директната вмешаност во војната во Украина.
„Сто пати да прашате, сто пати исто ќе ви одговорам. Сè додека сум јас премиер, нема да се испраќа бугарска војска. Во ниедна одлука на владата не се разговарало за ова прашање“, изјави Николај Денков, премиер на Бугарија.
Шефот на Кремљ тврди и дека запад се обидува да ја втурне Русија во трката со оружје, но и дека САД и сојузниците работат на растурање на европската безбедносна архитектура.
„Ова создава ризик за секого. Очигледна е потребата од формирање нови облици за еднаквост и во иднина. Неподелена безбедност на Евроазија. Подготвени сме на разговори на оваа тема со заинтересираните држави и асоцијации. Без суверена и силна Русија е невозможен траен светски поредок“, изјави Путин.
За новиот светски поредок, Европскиот парламент индиректно му одговори на Путин со резолуцијата за убиството на Навални и за европската акција за поддршка на политичките затвореници во Русија. Според документот, целосната кривична и политичка одговорност за Навални е на товар на руската држава и лично на Путин.
Зоран Богатинов
