Македонија

Собранието ги донесе законските измени за функционерските плати

29.02.2024 15:40

Со досега невидена експедитивност и без расправа, собранието ги изгласа законските измени за намалување на функционерските плати. Со ова, барем малку ќе се смири гневот по одлуката на Уставен, којашто беше иницијална каписла за серија протести во администрацијата.

На пленарна седница во законодавниот дом пратениците без дебата, едногласно ги изгласаа шесте закони со кои се намалува коефициентот за покачување на платите на 1.060 функционери. Пратениците, судиите, обвинителите, министрите, градоначалници и сите други функционери именувани од Собранието и Владата, нема да го добијат покачувањето од околу 400 евра, со оглед на тоа што се намалува коефициентот за раст на платата на функционерите за 0.5. Сепак, функционерите си го задржаа она покачување од 78%, кое беше одлука на Уставниот суд.

Спикерот на Парламентот, Јован Митрески, само констатираше дека предлозите за измени во законите за платите на функционерите, поминаа на пленарната седница.

Зголемувањето на платите предизвика бура реакции од јавноста, откако Уставниот суд во март мината година ја укина одредбата во Законот за надоместоци на избрани и именувани функционери, со којшто шест години беше определена фиксна основица. Предлогот за законски измени дојде од пратеничката група на СДСМ.

 

Игор Панов