На две тркала низ цел свет- за две години!
Две години на две тркала низ целиот свет. Францускиот ентузијаст Максим Лутан со велосипедот мина и низ земјава. МТВ го сними меѓу Скопје и Велес...

Од родниот Рен во Франција до Македонија минал три илјади и 600 километри. Да може да зборува, велосипедот на францускиот ентузијаст Лутан ќе ги прераскаже километрите до Италија, Хрватска, Црна Гора и Албанија, а потоа, во двата месеца авантура, да стигне и до Македонија. Неговиот поход не застанува, преку Солун ќе го освојува светот.
„Патувам низ целиот свет. Ќе одам првин до Азија, потоа Австралија, и ако имам пари и енергија следува Јужна Америка. Оттаму во САД, низ цела Северна Америка, Њујорк, Париз и тоа е се“, вели Лутан.
Упорниот Француз во три дена ја мина земјава. Посакува патот да го водел и до Охридско Езеро кое многумина му го предложиле како задолжителна одредница. Не му е патем, но затоа го воодушевило Скопје, со новите градби и понудата за туристите.
„Скопје е многу убав град, останав цел ден. Луѓето се пријатни и љубопитни,се интересираат од каде сум, пријателски се настроени. Има пријатни барови и ресторани, видов многу нови градби, се прави многу за туристите“, рече Лутан.
Максим потоа појде кон Солун, оставајќи го прашањето зад себе за можностите на велосипедскиот туризам, поврзан со руралниот и планинскиот. Многу места низ Европа се на картата на велосипедските здруженија, и во два до три дена престој носат заработка. Во земјава масовност има, треба организација.
Зоран Богатинов
