Претседателски избори

Трката за кандидат и натаму трае, Ванковска и Јакимовски блиску до целта

29.02.2024 20:42

По Османи, Таравари и Димитриевски кои ги собраа потребните 10 илјади потписи, близу се и Ванковска и Јакимовски. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, викендов на конгрес и конвенција официјално ќе ги претстават своите кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова...

Тројца кандидати за претстојните претседателски избори веќе собраа најмалку 10 илјади потписи за кандидатурата: Бујар Османи од ДУИ, Арбен Таравари од европскиот сојуз за промени и Максим Димитриевски од движењето ЗНАМ. Близу до исполнување на условот се и кандидатот на „Левица“ Билјана Ванковска и кандидатот на ГРОМ Стевче Јакимовски.

Кандидатите на најголемите политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, викендов на конгрес и конвенција официјално ќе ги претстават своите кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова, а потоа ќе собираат потписи од граѓани и пратеници.

Изборната кампања за претседателските избори почнува на 4-ти април, но неофицијално кампањата е веќе почната. Затоа, вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска, апелираше до партиите да не ги мешаат државните со партиските функции.

Во тек е проверката на избирачкиот список. Граѓаните можат да проверат дали се наоѓаат на списокот и каде ќе гласаат. Од ДИК најавија дека гласачите ќе можат да гласаат и со валидна лична карта или пасош со името Република Македонија.

 

Ирина Гелевска