Остра осуда врз нападот на хуманитарниот конвој во Појасот Газа
Се истражуваат извештаите за тоа кој отвори оган врз Палестинците кои чекаа хуманитарна помош. Во нападот загинаа над 100 луѓе, а стотици се повредени.

Светот бара одговорност по нападот врз хуманитарен конвој во Појасот Газа. Се истражуваат извештаите за тоа кој отвори оган врз Палестинците кои чекаа хуманитарна помош. Во нападот загинаа над 100 луѓе, а стотици се повредени.
„Ги видовме извештаите. Тие се алармантни. Ние продолжуваме да повторуваме дека цивилните животи мора да бидат заштитени. Како што веројатно знаете, Белата куќа е во контакт со владата на Израел и бара веднаш да истражат што се случило“, изјави генерал-мајор Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.
Обединетите Нации со осуда за нападот и бараат брза и независна истрага. На вонредна седница на советот за безбедност, САД ја блокираше изјавата предложена од Алжир и поддржана од арапските земји, со која се посочува дека Тел Авив е одговорен за отворање оган врз Палестинците кои чекале достава на помош.
„Овој срамен масакр е сведоштво за фактот дека сè додека Советот за безбедност е парализиран и става вето, тогаш тоа го чини палестинскиот народ и нивниот живот. Одговорноста е исклучително важна и дека Советот за безбедност треба да каже доста е. Нам ни треба прекин на огнот“, изјави Ријад Мансур-амбасадор на Палестина во ООН.
Од израелската одбрана негираат дека извршиле напад врз хуманитарен конвој и велат дека сите правила се испочитувани.
„Израелските одбранбени сили функционираат според правила и меѓународното право. Никаков напад од Израел не беше извршен кон конвојот со хуманитарна помош. Напротив, Израелската одбрана беше таму и спроведуваше хуманитарна операција за обезбедување на хуманитарниот коридор“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
Меѓународната заедница изразува загриженост дека тековната состојба го става под прашање најавеното примирје меѓу Израел и Хамас. Конфликтот на Блискиот Исток почна по офанзивата на Израел во Појасот Газа на 7-ми октомври откако Хамас изврши напад врз цивили.
Маријана Димовска
