Култура

Изложба на јапонски кукли во Археолошки музеј по повод 30 години дипломатски односи

01.03.2024 11:23

Изложбата „Нингјо“ се состои од 67 кукли кои претставуваат сеопфатен преглед на моделите на јапонските кукли, од Каташиро и Амагацу, кои се сметаат за архетипови на јапонски кукли, преку локални кукли кои ја рефлектираат климата и анегдотите од целата земја, како и кукли играчки од денешницата кои се ценети низ целиот свет...

По повод триесет годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Република Северна Македонија и Јапонија, вечерва во 19 часот со свечаност во Археолошкиот музеј ќе биде одбележан овој значаен датум во дипломатската историја на  двете држави.

Амбасадата на Јапонија и Археолошкиот музеј овој ден ќе го одбележат со уникатна изложба на кукли со наслов „Нингјо“ што на јапонски значи кукла. Изложбата „Нингјо“ се состои од 67 кукли кои претставуваат сеопфатен преглед на моделите на јапонските кукли, од Каташиро и Амагацу, кои се сметаат за архетипови на јапонски кукли, преку локални кукли кои ја рефлектираат климата и анегдотите од целата земја, како и кукли играчки од денешницата кои се ценети низ целиот свет. Експонатите на изложбата се поделени во четири категории: „Нингјо за молитва на детскиот развој“, „Нингјо уметност“, „Нингјо фолклор“ и „Ширењето на нингјо културата“.

На отворањето на изложбата најавени се обраќања на амбасадорот на Јапонија Оцука Казуја и државниот секретар од Министерството за надворешни работи, Филип Тосевски, по што директорката на музејот, Славица Бабамова, ќе ја отвори изложбата на јапонски кукли „Нингјо“ поддржана од Јапонската фондација.

Изложбата ќе биде отворена до 26-ти април.