Свет

Се бара брза и независна истрага за нападот во Газа

01.03.2024 11:33

Кој е виновен за нападот на хуманитарниот конвој во Појасот Газа. Меѓународните организации бараат брза и независна истрага за смртта на над 100 луѓе и стотици повредени кои беа нападнати додека чекаа хуманитарна помош. Тел Авив негира вмешаност, Вашингтон бара да се разгледаат сите релевантни извештаии. По последните случувања, најавениот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас ставен во прашање...

Светот бара одговорност по нападот врз хуманитарен конвој во Појасот Газа. Се истражуваат извештаите за тоа кој отвори оган врз Палестинците кои чекаа хуманитарна помош. Загинаа над 100 луѓе, а стотици се повредени. Меѓународните организации бараат брза и независна истрага и итен прекин на огнот.

„Ги видовме извештаите. Тие се алармантни. Ние продолжуваме да повторуваме дека цивилните животи мора да бидат заштитени. Како што веројатно знаете, Белата куќа е во контакт со владата на Израел и бара веднаш да истражат што се случило“, изјави генерал-мајор Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.

На вонредната седница на советот за безбедност, САД ја блокираше изјавата предложена од Алжир и поддржана од арапските земји, со која се посочува дека Тел Авив е одговорен за отворање оган врз Палестинците.

„Овој срамен масакр е сведоштво за фактот дека сè додека Советот за безбедност е парализиран и става вето, тогаш тоа го чини палестинскиот народ и нивниот живот. Одговорноста е исклучително важна и дека Советот за безбедност треба да каже доста е. Нам ни треба прекин на огнот“, изјави Ријад Мансур, амбасадор на Палестина во ООН.

Израелската армија тврди дека биле истрелани предупредувачки истрели за да се одврати толпата која насила се обидувала да зграби од помошта, но не биле погодени цивили.

„Израелските одбранбени сили функционираат според правила и меѓународното право. Никаков напад од Израел не беше извршен кон конвојот со хуманитарна помош. Напротив, Израелската одбрана беше таму и спроведуваше хуманитарна операција за обезбедување на хуманитарниот коридор“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Меѓународната заедница изразува загриженост дека тековната состојба го става под прашање најавеното примирје меѓу Израел и Хамас. Конфликтот на Блискиот Исток почна по офанзивата на Израел во Појасот Газа на 7-ми октомври откако Хамас изврши напад врз цивили.

Маријана Димовска