Економија

Од денеска укината мерката гарантирани цени, трговците најавуваат ценовни поместувања

01.03.2024 13:41

Од денеска престанува да важи владината мерка за загарантираните цени на основните прехранбени продукти. Се укинува и одлуката за намалени увозни давачки за зеленчукот. Граѓаните стравуваат од нов ценовен шок, институциите најавуваат засилени инспекциски контроли. Сè уште се чека пратениците во Собранието да го донесат Законот за нефер трговски практики, со којшто треба да се амортизира состојбата…

Гарантираната цена од денеска не важи. Трговците велат дека нема да има енормно поскапување, но ќе има ценовни поместувања. Властите очекуваат морално однесување од трговците, а граѓаните стравуваат од ценовен шок.

Денеска при пазарење во еден минимаркет затекнавме непроменети цени дури кај некои производи сè уште стои гарантирана цена. Но, дел од трговците по информации од добавувачите најавуваат поскапување на млечните, месните производи, на дел од пијалаците, земјоделските производи, бидејќи престанува да важи и мерката за ослободување од царински давачки.

Некои од граѓаните велат дека цените не ни можат повеќе да се зголемуваат, бидејќи го достигнале плафонот, други пак, очекуваат поскапување во наредните денови.

Очекувањата на ресорните министри се побрзо носење на Законот за нефер трговски практики и морално однесување на трговците. Според економистите и да се донесе законот кој го помина првото читање во Комисијата за европски прашања, потребни се 6 месеци за да се почувствуваат ефектите од него.

 

Александра Велинова