Иловица ќе донесе добра иднина за жителите на струмичкиот регион

14.06.2014 17:42

За три години треба да почне со работа рудникот Иловица. Според проценките, крие речиси 70 тони злато. Инвестицијата на канадската компанија се проценува на 500 милиони долари...

2016 година изградба, 2017 почеток со работа на рудникот Иловица. Новите истражувања неодамна потврдија присуство на нови резерви руда кои вкупно изнесуваат 225 милиони тони од кои 69,5 тони злато и 411 илјади тони бакар.

Концесионерот „Еуромакс ресорсис“ со инвестицијата од 500 милиони долари најавува 400 работни места. Иловица е село во струмичкиот регион. Жителите главно се занимават со земјоделство. Сметаат дека рудникот ќе им донесе подобра иднина, дел пак се загрижени за заштитата на животната средина.

„Дај Боже, за добро добро е, ама за другото за животна средина, како викаат?“

„Што е добро, добро е, нема проблем за селото, убаво е да се отвораат работни места“, вели жителка на Иловица.

„Како проект за вработување не е лош, мислам дека ќе има вработувања“, вели жител на Иловица.

Заштитата на животната средина и интересите на локалното население се меѓу основните приоритети на Еуромакс ресурсис, велат оттаму. Сите активности во делот на еколошките принципи се согласно највисоките меѓународни и македонски еколопки стандарди кои се според директивите на ЕУ.

Во информативните памфлети на Еуромакс ресурсис стои дека почнале со мониторинг на основните студии за заштита на животната средина и дека ќе ангажираат меѓународен експерт кој ќе ги мониторира студиите за животна средина, но и социјален аспект.

Инаку, канадските менаџери по последните истражувања го оценуваат проектот Иловица како финансики атрактивен. Со гринфилд инвестицијата наредните 23 години финснииска благодет ќе има целата македонска економија.

„Обезбедувајќи задоволителни финансиски ресурси и одржувајќи ја независноста на локалните општини од државниот буџет. Националната економија на Република Македонија ќе има голема придобивка бидејќи имплементацијата на проектот ќе има голема улога во намалувањето на трговскиот дефицит“, вели Драги Пелтечки- Еуромакс ресорсис.

Годишно, ќе се експлоатираат 2,7 тони злато и 16 илјади тони бакар.

 

Катерина Давчева