Избори 2024

Пендаровски бара поддршка за втор мандат

01.03.2024 14:56

Пендаровски по третпат влегува во претседателската трка, но овој пат по втор претседателски мандат. Смета дека на земјава ѝ е потребен избор на претседател како независна институција што се постигнува кога се избира на општи избори, отколку кога се избира во Парламентот…

Стево Пендаровски по третпат влегува во претседателската трка, но овој пат по втор претседателски мандат. Најави граѓанска кандидатура и ги повика граѓаните од 3-ти март, да му дадат поддршка со давање потписи во подрачните единици на Државната изборна комисија.

Тогаш и социјал-демократите формално на Конгрес ќе ја дадат поддршката за него. Без дамка сум во донесените одлуки, без ниту една корупциска афера, моја или на некој од мојот кабинет, рече Пендаровски.

Постојат кандидати кои се залагаат или најавуваат ревизија или поништување на Рамковниот и Преспанскиот договор и договорот со Бугарија. Рамковниот договор ја исполни својата историска улога, Преспанскиот ни овозможи влез во НАТО, а фатаморгана е нов договор со Бугарија и барање тие да го сменат Уставот-рече Пендаровски.

Далеку подобро е да имате претседател кој е независен во однос на политичките субјекти, па и во однос на економските центри на моќ кога сте избирани на општи избори отколку кога сте избирани на парламент-коментира актуелниот шеф на државата, кој ја очекува поддршката од сите граѓани без разлика на етничката припадност.

Се кандидирам не само за да учествувам на изборите, туку да победам-потенцира Пендаровски, кој за намалувањето на коефициентите на избраните функционери прокоментира-доцна им текна, ама добро е-им текна.

Миле Ристески