Судство

Абази и обвинителите од ОЈО ГОКК на брифинг со новинарите, информираа за тековните истраги

01.03.2024 16:24

Година и пол по изборот, шефот на обвинителството за организиран криминал и корупција, Ислам Абази на прва средба со новинарите. На брифингот присуствуваше и државниот јавен обвинител Коцевски, како и повеќе обвинители. Одговараа на прашања за тековни истраги и судења...

Струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко, се соочува со кривична одговорност по поднесено обвинение за набавката на автомобил „ауди“. Шефот на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, на брифинг со новинарите рече дека обвинението е по иницијатива на Антикорупциската комисија, а казната затвор за ова дело е до пет години.

Таткото на Струга, кој е на „црната листа на САД“ е обвинет за злоупотреба на службената положба. Купил автомобил вреден 67 илјади евра во период кога општината пливаше во долгови, а тоа го потврдила и ревизијата.

Од Обвинителството велат дека по допрен глас е отворен предмет и за случајот „Бехтел и Енка“. Од институциите е побарана документација, таа е пристигната во Обвинителството и во овој момент се анализира.

Се проверуваат трансакциите, изборот на фирмата за надзор како и договорот со конзорциумот. Од Обвинителството велат дека е потребно време за да проучи обемниот материјал, бидејќи само еден истражител работи на предметот.

Во врска со криминалните група од Грчец, вплеткана во меѓународна трговија со дрога, од Обвинителството посочија дека е распишана меѓународна потерница за оние кои се недостапни, а опфатени со кривичната пријава. Се чека и екстрадиција на едно лице.

Анита Димитријевска – Велковска