Отворен балкан

Од денеска слободен пристап до пазарот на труд за граѓаните од земјите членки на Отворен Балкан

01.03.2024 16:30

За граѓаните на Македонија, Србија и на Албанија, членките на иницијативата „Отворен Балкан“, од денеска им е овозможен слободен пристап до пазарот на труд. Тие ќе можат да живеат и работат без административни бариери и процедури. Српскиот министер за финансии, Синиша Мали, истакна дека тие се заинтересирани да привлечат работна сила од регионот...

За граѓаните на Македонија, Србија и Албанија од денеска е овозможен слободен пристап до пазарот на трудот. Тоа значи дека жителите на овие три земји, членки на иницијативата Отворен Балкан, од денеска ќе можат да работат и да живеат во сите три држави без било какви дополнителни процедури и бариери.

За да може граѓаните да се вработат треба да имаат матичен број за кој ќе можат електронски да се регистрираат преку пополнување формулар на владината платформа eУправа, по што надлежните органи преку платформата еУправа генерираат единствен идентификациски број на Отворен Балкан.

Со него до порталот за еУправа на одредена земја се поднесува барање за слободен пристап до пазарот на трудот. По добивањето на одобрението, заинтересираното лице може да се вработи, под исти услови како локален граѓанин на државата, до две години, а по истекот дозволата може да се продолжи.

Граѓаните на Србија позитивно го оценуваат слободниот пазарот на трудот. Добредојдени им се македонските работници, но за да работат во друга држава битен им е амбиентот и културата, а Македонија им е подрага.

„Ова е добра работа оти им се овозможува на луѓето да работат каде има потреба и подобро овде да работат луѓе од регионот отколку од разни страни на светот“, вели српски граѓанин.

„Јас би отишол во Македонија да работам кај нашите браќа Македонци, а во Албанија не веруваме дека некој би отишол“, вели друг.

„Не е сè во парите, за да работам надвор битен ми е и амбиентот, културата, односите и а Македонците се наши браќа и би сакал да дојдат да работат“, дополни претходниот.

Предностите од слободниот пазарот на трудот, се повеќекратни, од можноста за вршење сезонски работи, преку намалувањето на дефицитарните занимања и зајакнувањето на довербата на инвеститорите до растот на клучните сектори во економијата. Слободниот пристап до пазарот на трудот од околу 11 милиони жители се очекува да го спречи понатамошниот одлив на мозоци и младите од регионот, преку нудење можности за вработување, но и на зголемените барања за квалитетен кадар, на инвеститорите.

„Иако Србија денес има рекордно висока стапка на вработеност од 50,5 отсто и ниска стапка на невработеност од 9,1 отсто, за нас е многу важно да привлечеме нова работна сила од регионот“, соопшти министерот за Финансии Синиша Мали, додавајќи дека ова ќе придонесе за понатамошен раст на градежната индустрија, туризмот и угостителството и секторот за информатичка и комуникациска технологија.

 

Оливер Бранковиќ - дописник од Белград за МТВ