За заштита на граѓаните од ценовен шок се бара спас од инспекторите
Дали и колку ќе се зголемат цените на храната, единствено познато во овој момент е неизвесноста. Од Организацијата на потрошувачи очекуваат да има покачување на цените, но велат дека не е во ред што потрошувачите се доведуваат во ситуација на страв околу ценовните шокови. Од ДПИ велат дека се на терен и ја следат состојбата со цените...

Дали и колку ќе се зголемат цените на храната, единствено познато во овој момент е неизвесноста. И од Организацијата на потрошувачи очекуваат да има покачување на цените, но велат дека не е во ред што потрошувачите се доведуваат во ситуација на страв околу ценовните шокови. Според нив, оваа мерка требаше да трае барем до изборите. Проблемот го гледаат и во тоа што врз основа на закон за потрошувачи не може да се поведе колективна заштита на потрошувачи. Се работи на таа проблематика.
Сè уште се чека пратениците во Собранието да го донесат законот за нефер трговски практики, со којшто треба да се амортизира состојбата. Но, од Организацијата на потрошувачи велат дека тој закон ги уредува односите меѓу бизнисот.
Од Државниот пазарен инспекторат велат дека се на терен и ја следат состојбата со цените, но и оттаму за заштита на потрошувачите го чекаат новиот закон. Инспекторите од пазарната инспекција забележале зголемување на цените кај дел од производите во дел од маркетите, откако заврши ограничувањето на цените на производите. Оттаму велат дека не можат да влијаат врз пазарната цена.
Апелираа до трговците на мало и големо да направат акции и да ги задржат цените на основните прехранбени производи, на ниво на стандардот на граѓаните. Засега граѓаните може само да ги информираат доколку видат нерегуларности.
Во информацискиот систем за инспекциски надзор, е-инспектор, месецов ќе бидат приклучени сите инспекторати, за кои е надлежен инспекцискиот совет на земјава, со што ќе се заокружи проектот за целосна дигитализација на инспекциските надзори.
Ана Јосифоска – Тодоровска
