Пазар на труд

Жените побројни на листата на невработени во земјава

01.03.2024 19:36

Според Агенцијата за вработување, во Македонија во јануари 2024 година имало вкупно 105.803 невработени лица. Најмногу од нив се од Скопје, Куманово и од Гостивар. Од вкупната бројка, изненадува фактот што на листата на чекање за работа има дури 19 доктори на науки, а 11 од нив се жени...

Каква е официјалната статистика за невработеност во земјава. Според агенцијата за вработување, во Македонија во јануари 2024 година имало вкупно 105.803 невработени лица. Најмногу од нив се од Скопје, Куманово и од Гостивар.

Од вкупната бројка, изненадува фактот што на листата на чекање за работа има дури 19 доктори на науки, а 11 од нив се жени. Голема е бројката и на магистри на науки што немаат работа, 582 лица, од нив 369 се жени. Поголем е бројот на невработени жени и со високо образование, 4.371 од вкупно 6.749. Овие податоци се заклучно 31 јануари 2024 година од Агенцијата за вработување.

Но и европската институција за статистика, Еуростат, бележи слични податоци. Всушност, стапките на вработеност и кај мажите и кај жените растат во последната декада, но родовиот јаз во вработеноста е перзистентно висок. Уште поголем од родовиот јаз во вработеноста е родовиот јаз во активноста на пазарот на труд. Речиси половина од жените на работоспособна возраст се исклучени од пазарот на труд, односно немаат ниту платено вработување, ниту пак се регистрирани како барателки на работа.

Невладината организација „Реактор“ континуирано работи на оваа тема, а последните податоци од нивното истражување покажуваат дека за иста работа, постои разлика во платите кај мажите и кај жените. Кои се причините за ваквите разлики? Со оглед на бројката на невработени, особено жени, може ли отворениот пазар на труд да биде решение? Повеќе на оваа тема со Тања Иванова од невладината организација „Реактор“.