Македонија

Младите заминуваат, нема кој да се грижи за возрасните

02.03.2024 11:04

Во Охрид расте бројот на стари лица кои живеат сами за кои нема кој да се грижи, бидејќи нивните најмили егзистенцијата ја побарале во странство или во другите македонски градови. Поради тоа охридскиот Црвен крст со поддршка од државата од почетокот на јануари започна со бесплатна поддршка, пред сè за лицата кои не можат сами да функционираат …

Одливот на млади лица од Охрид кои главно заминуваат во странство придонесе голем број стари охриѓани да останат сами во своите домови, а дел од нив не се во состојба да функционираат самостојно. Тоа беше причината охридскиот Црвен крст од почетокот на јануари со поддршка од државата бесплатно да ги нуди услугите: помош и нега во домот и лична асистенција на лица со оштетен вид, тежок или најтежок телесен инвалидитет.

„Во услугата помош и нега во домот негувателите се ангажирани се со цел да му го подобрат секојдневното функционирање на старите лица, одржување на личната хигиена, извршување на домашните задачи, функционирање во рамките на домот. Додека кај личната асистенција тоа е значи да се подобри секојдневното функционирање на лицата со попреченост“, вели Ратко Раткушиноски-координатор на Нега центар, Црвен крст-Охрид.

Во охридско постојано расте и бројот на пензионирани лица кои тешко се снаоѓаат по завршувањето на работниот век. Голем број од нив живеат сами и немаат никакви контакти, поради што за нивното нормално функционирање е потребно отворање на Дневен центар.

„Дневниот центар ако се отвори во Охрид на некој начин луѓето коишто нема кој да ги чува дома можат да ги донесат од сабајле тука, да се дружат, да имаат пријатели, да се напијат кафе со некого, да разговараат, да има едно место, катче каде што сите ќе можат слободно да дојдат“, изјави Злата Гашпаровиќ, Клуб на пензионери при Црвен крст-Охрид.

Гашпаровиќ вели дека во повеќе наврати од општината и државата побарале простор за отворање на Дневен центар. Засега нема никаков одговор, иако според неа има многу простори коишто се празни.

Сашо Нелоски